Светската економска криза ја чувствуваат и македонските граѓани

Скопје, 02 септември 2011 – Светската економска криза очекувано ја чувствуваат и македонските граѓани, и како реакција, дури 89% од анкетираните одговориле дека во текот на минатата година  намалиле барем еден од вкупно 26 наведени трошоци - ова беше утврдено со истражувањето за Расположението во светот спроведено од страна на ГфК Групацијата, а во рамките на GfK Roper Reports Worldwide 2011.

Како дел од GfK Roper Reports Worldwide, беше спроведена и анкетата за Расположението во светот. Анализата на добиените податоци покажува дека, oчекувано, и македонските граѓани ја чувствуваат светската економска криза во нивниот секојдневен живот.  Две третини од македонските граѓани (66%) истакнаа дека и тие лично ги почувствувале негативните ефекти од кризата, додека за 60% од нив, рецесијата и невработеноста се најголем личен проблем. Како реакција на притисокот од економската криза, македонските граѓани ги намалиле своите трошоци но почнале и да користат различни стратегии за заштеда на парите. Така, 89% од испитаниците во Македонија одговориле дека во текот на минатата година имаат намалено барем еден од вкупно 26 наведени трошоци, и тоа најмногу на патувањата и одморите, јадењето по рестораните и излегувањето заради забава. Од друга страна пак, 46% посочија дека користат барем еден од вкупно десет наведени начини за штедење пари при купување. Купувањето во дисконт продавниците е на врвот на листата на најчесто користените начини за штедење.

Како резултат на загриженоста заради влијанието на светската економска криза врз Македонија генерално, но и врз животот на граѓаните, кај македонските потрошувачи моментално преовладува сентиментот дека со оглед на нивната моментална финансиска состојба и цените на пазарот подобро е да се почека со купувањето на определени производи кои им требаат.

Ефектите од економската криза врз животот на граѓаните во Македонија и светот

Резултатите покажуваат дека и во Македонија како и на глобално ниво, граѓаните ги чувствуваат пред сé негативните ефекти на светската економска криза на скоро сите нивоа на живеењето. Речиси 35% од испитаните во Македонија потврдиле дека ја почувствувале кризата кога станува збор за нивната работа – или останале без работата, или станале техонолошки вишок, или пак им била намалена платата или работните часови. На глобално ниво овој процент е нешто помал и изнесува 29%. За разлика од остатокот од светот каде 15% од анкетираните одговориле дека со кризата или го изгубиле домот или им било тешко да ги плаќаат кириите или хипотеките, во Македонија тој процент изнесува 10%. Од друга страна пак, поголем е процентот на македонските граѓани (27%) кои имаат проблеми да си ги плаќаат банкарските кредити во однос на светско ниво (22%), како и процентот на граѓани кои имаат проблеми со плаќање на месечните сметки за режиските трошоци – 31% во Македонија, односно 27% на глобално ниво.

Во текот на истражувањето беа истакнати и помал број позитивни ефекти кои испитаниците ги почувствувале без оглед на глобалната рецесија. Тука се пред сé 20% од испитаниците на глобално ниво и 17% во Македонија кои одговориле дека или нашле нова работа, или биле промовирани, и сл. Многу мал процент од анкетираните имале поголеми заштеди или инвестиции (8% на глобално ниво, само 6% во Македонија), додека 6% од испитаниците во Македонија, односно само 4% на глобално ниво, одговориле дека имале некаква финансиска добивка (пр. наследство, добивка од игрите на среќа и сл.).

Што најмногу ги загрижува македонските граѓани во времето на глобалната економска криза?

Инфлацијата и високите цени е најголема грижа на глобално ниво (42,8%), додека рецесијата и невработеноста најмногу ги загрижуваат македонските граѓани (60,2%), заедно со инфлацијата и високите цени (40,8%) и криминалот и безвластие (35,6%).

Во однос на некои други категории можеби ќе изненади фактот дека македонските граѓани не се толку загрижени како остатокот од светот. Тука пред сé спаѓаат загадувањето на животната средина, цената на чинење на здравствените услуги, тероризам, па дури и квалитетот на образованието. Што се однесува до 2-3 работи кои најмалку ги загрижуваат граѓаните во Македонија, тоа се односите со другите држави (3,8%), религиозен екстремизам/фундаментализам (3,4%) и помош на земјите од третиот свет (1,6%).

Како полесно да се преживее кризата?

Во услови на рецесија, потребни се различни мерки за намалување на трошоците но и за штедење. Македонските граѓани не се разликуваат многу од остатокот на светот. На прашањето кои се работите за кои во последните 12 месеци ги намалиле своите трошоци, 39.7% од испитаниците во Македонија на прво место го ставиле патувањето и одморите за разлика од 36.5% на глобално ниво. На второто место е јадењето по рестораните (34.5% во Македонија, односно 45.5% на светско ниво), а на третото место е купувањето облека и обувки (30.5% во Македонија, односно 31.7%).

Исто така, македонските граѓани не инвестирале во реновирањето на своите домови, ги намалиле разговорите (мобилни и фиксни телефони) и одењето на кино, театар, концерти и сл., а внимавале и на потрошувачката на електричната енергија дома. Покрај обидот да ги намалат трошоците за работите кои не се од есенцијално значење во животот, беа истакнати и бројни начини кои во текот на последните 12 месеци испитаниците ги применуваат за да заштедат пари на дел од секојдневните, неопходни работи. Така, за разлика од остатокот од светот, каде 50% од испитаниците изјавиле дека користат различни купони за добивање пониски цени (11% во Македонија), македонските граѓани одговориле дека повеќе купуваат во дисконтите  (46%),  внимаваат при купување на секојдневните намирници (42%), или пак  ги чекаат попустите (30%). Интересно е дека во услови на економска криза потрошувачите се откажуваат и од купувањето на своите омилени брендови и купуваат поевтини брендови на производи. Овој процент во Македонија е 21% додека во светските рамки е поголем и изнесува 32%.

Белешка за уредникот: Ве молиме наведете го GfK Roper Reports Worldwide 2011 како извор на сите информации.

За истражувањето

Резултатите за Расположението во светот во услови на глобална економска криза помеѓу македонското население се извлечени од истражувањето Roper Report Worldwide 2011 спроведено во над 30 земји во светот на 5 континенти. Во 2011 вклучена е и Македонија. Со тоа, можно е споредување на податоците за Македонија со останатите земји опфатени со истражувањето, како на регионално така и на глобално ниво. Самото истражување ги разгледува најважните локални и светски трендови меѓу потрошувачите, нивното однесување и ставовите, вредностите, грижите и животниот стил, како и навиките при купување, однос кон брендовите и користење на медиумите. Со еден збор, GfK Roper Reports Worldwide претставува водич низ светот на потрошувачите

Во Македонија истражувањето се спроведе на  репрезентативен примерок од 1000 испитаници на 15+ годишна возраст.

GfK Групација

GfK  Групацијата е една од водечките меѓународни компании за истражување на пазарот (трето место во Европа и четврта во светот). Има повеќе од 115 канцеларии, во преку 90  земји,  со приближно 10.000  вработени со полно работно време (80% од вработените се надвор од Германија). За повеќе информации, посетете ја нашата веб страна: www.gfk.com.mk

Следете нè на twitter: www.twitter.com/gfk_group

Одговорен за соопштението за јавност:

Мевлија Грбовиќ

mevlija.grbovic@gfk.com.mk

Bookmark and Share

Соопштение за јавност

Download Dummy