Добриот сон и пиењето вода се од најголемото значење за доброто здравје за најголем број на македонските граѓани. За тоа што е важно за доброто здравје но и што е она што најчесто го применуваат македонските граѓани за да го сочуваат здравјето сведочат и резултатите од најновото истражување на ГфК Скопје.
Редовно слушаме од нашите постари но, сé почесто и од помладите, "Здравјето е најважно" и "се за здравјето". Дури и желбите за родендени, Нови Години, раѓањето на децата содржат зборови за добро здравје. Преплавени сме од советите како до доброто здравје, и како подобро да го сочуваме своето и здравјето на нашите најблиски. Сé почесто, луѓето си имаат и лични рецепти како да се живее поздрав и подобар живот, но прашањето е колку често се придржуваме кон нив.
Што ни е важно за здравјето?
На прашањето што е најважно за доброто здравје, скоро 90% од испитаниците одговорија дека тоа е добриот сон. На второ место е пиењето вода, и тоа за околу 82% од испитаниците. Здравјето се чува и преку одржувањето на здравата и соодветна телесна тежина како и преку конзумирање на здрава и нутритивна исхрана. На петто место по важност, македонските граѓани го истакнаа редовното одење на рутински здравствени контроли, додека за 61,4% од испитаниците тоа е редовното вежбање и спортување. За 58,1% од испитаниците минимизирањето на стресот придонесува кон доброто здравје. Останатите работи кои беа истакнати како важни за здравјето се баланс помеѓу работните обврски и слободното време, избегнување на преработена храна, земање витамини и минерали, но и редовни молитви и применување на различни техники за релаксирање.
Слична е состојбата и во соседната Србија но и во земјите на Западна Европа. Поголеми разлики се во однос на важноста на молитвите за здравјето, каде само околу 8% од испитаниците во Србија за разлика од 37,5% од Македонците, т.е. околу 40% од испитаниците од Западна Европа, одговориле дека тој аспект придонесува кон доброто здравје.
А што најчесто правиме за добро здравје?
Иако повеќето од македонските граѓани знаат што е добро за нивното здравје, сепак, кога се работи за тоа што од тоа најчесто и го применуваат, процентуално гледано, состојбата малку се разликува.
И покрај тоа што дури 61,4% од испитаниците ги истакнаа вежбањето и спортувањето како многу важни за здравјето, сепак само околу 21% одговориле дека често вежбаат или спортуваат, односно дури околу 40% од испитаниците одговориле дека ретко или никогаш не се занимаваат со физички активности. Споредено со соседната Србија и Западна Европа, резултатите покажуваат дека Србите помалку вежбаат од нас (само 16% одговориле дека често вежбаат), додека испитаниците од Западна Европа (околу 32%) повеќе практикуваат физички активности од граѓаните во Македонија.
Кога се работи за минимизирање на стресот – иако скоро 60% од испитаниците во Македонија се свесни дека доколку го намалат стресот ќе живеат поздрав живот, сепак, само околу 21% изјавиле дека тоа често го прават додека исто толку испитаници одговориле дека ретко или никогаш не прават ништо да го намалат стресот. Овој процент е поголем во споредба со податоците за Србија (18%), односно западноевропските земји (17,6%).
Од добиените резултати, може да се заклучи дека граѓаните во Македонија, иако знаат што е важно и што би го подобрило нивното здравје, во најголем процент само понекогаш ги практикуваат поголемиот дел од посочените активности.
За истражувањето
Резултатите за она што е важно за доброто здравје на македонските граѓани и што од тоа најчесто го применуваат се извлечени од истражувањето GfK Roper Report Worldwide 2011 спроведено во над 30 земји во светот. Во Македонија истражувањето се спроведе на репрезентативен примерок од 1000 испитаници на 15+ годишна возраст.
Детално соопштение за јавност со табели во прилог
Одговорен за соопштението за јавност:
Мевлија Грбовиќ